18.01.2016 Драган Амповски од Кочани пред камерата на Канал 8 со солзи во очите зборува дека крајно време е да се преземат мерки за справување со проблемот кучиња скитници. Еднаш во кругот на болницата, втор пат кај автобуската станица, едно исто куче го каснало два пати на различни делови од телото.
- Истото куче ме касна два пати, еднаш на ногата, втор пат кај половината. Првиот пат ме касна кога одев на болница, а вториот пат кај автобуската станица. Едвај се одбранив, се бранев со што можам, ми помогна и еден човек што беше во близина, но пак ме касна. Пријавив и во полицијата, но таму ми рекоа веднаш на идам во Итна медицинска помош каде што веднаш ми ја преврзаа раната, рече Драган Амповски.
И не само овој човек настрадал од каснување. Истото куче кое најчесто се движи во кругот на автобуската станица во Кочани има каснато до сега 12 лица од кои 8 во последните две недели. Центарот за јавно здравје досега повеќепати реагирал до релевантните институции за овој проблем, но досега не е преземено ништо.
- Проблемот со кучињата скитници е покомплексен и поопширен но сега се работи за случај со едно куче кое што во текот на минатите две - три недели има каснато осум лица од две се жени и шест мажи. По опишувањето на кучето и локацијата на напаѓање се работи за истото куче скитник, а тоа е жолто куче кое ги нападнало луѓето во близина на автобуската станица и ОУ „Никола Карев“. Ова исто куче во рок од една година има нападнато и каснато дури 12 лица. Пациентите кои се каснати прво се изложени на физичка повреда и психолошки стрес, а потоа и на дополнителни трошоци и непотребни малтретирања. Прво одат на Итна медицинска помош а потоа оттаму ги препраќаат и на хирургија, на Инфективно во Штип за антирабична заштита и кај нас на епидемиологија бидејќи не знаеме дали се работи за вакцинирано куче и мораме да ги заштитите пациентите. За овој проблем ние ги известивме и упативме и молба и барања до сите релевантни институции Општина Кочани, ветеринарен инспектор, КЈП „Водовод“ и Центарот за управување со кризи а знае и полиција но проблемот со ова куче се уште не е решен. Затоа апелирам до сите надлежни и одговорни лица овој проблем под итно да се реши бидејќи недозволиво е во 21 век во една цивилизирана средина да се случуваат вакви нешта, рече д-р Натка Каранфилова, специјалист – епидемиолог.
Д-р Каранфилова додаде дека цела среќа во несреќата е што кучето не боледува од беснило, оти во спротивно ќе имало и појава на опасната заразна болеста.
Канал 8 разговараше со одговорните во КЈП „Водовод“ кои заедно со екипи од Ветеринарниот центар „Тодор Велков“ од Куманово не информираа дека дури денеска е фатено кучето и тоа со асистенција од полицијата, од причина што сопственикот досега го криел и не го давал.
КЈП „Водовод“ во соработка со Ветеринарниот центар од Куманово редовно врши акции на заловување кучиња скитници. Во текот на последната акција заловени се уште десетина кучиња скитници.
Т. Велкова