19.01.2016 Празнувањето на големиот христијански празник Водици беше повод градоначалникот на Општина Виница, Емил Дончев да го посети семејството во кое се роди првото новороденче во 2016 година.
Од име на Локалната самоуправа донесе подарок, посакувајќи му многу среќа и здравје на бебенцето и на неговото семејство.
Младиот брачен пар Тодорови од Виница минатата година, токму за Божик ја добил ќеркичката Христина, а годинава неколку дена им се роди уште едно девојче.
- Детенцето е крстено Јована Тодорова. Ова ми е втора рожба, родено е на 3 јануари 2016 година, прво во општина Виница, голема благодарност до Општина Виница и градоначалникот, рече Александра Тодорова, мајка на првото новороденче.
Тодорова рече дека е среќна што со сопругот имаат две дечиња и засега не размислуваат за уште едно проширување на семејството.
Градоначалникот Дончев истакна дека со посетата на семејството Тодорови, Општината ја продолжува традицијата да го одбележи раѓањето на првото бебе во новата година.
- Традиционално на Водици го посетуваме првото новороденче во нашата општина. Оваа година во фамилијата Тодорови тоа е малата Јована. Општина Виница и оваа година обезбедува ваучер и пакет производи за новороденчето и јас од име на граѓаните на Општина Виница сакам да и посакам многу здравје, среќа и успех на неа и нејзината фамилија, рече Емил Дончев, градоначалник на Општина Виница.
Инаку, во 2015 година во матичната служба на општина Виница се евидентирани 185 новороденчиња кои се родиле во болниците во Македонија, а уште 86 се родени во странство каде што нивните родители имаат престој.
Т. Ајтовски