22.01.2016 Средношколците и младите на возраст до 27 години од Кочани и околните населени места кои сакаат со воз да патуваат за Скопје во моментот не можат да ги користатат бенефициите за бесплатен превоз во железничкиот сообраќај што деновиве ги најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Причина за тоа е што веќе цела недела не функционира линијата Кочани – Скопје и обратно, па и граѓаните кои сакаат да купат билет на билетарницата на кочанската железничка станица добиваат негативен одговор.
Од 15 јануари кога во близина на Свети Николе изби пожар во локомотивата на патничкиот воз што сообраќа на оваа релација, во Кочани не пристигнала ниту една железничка композиција. Поради тоа патниците кои се уште не се информирани за новонастaнатата ситуација доаѓаат на Железничката станица и бараат билет, но принудени се наместо со воз да патуваат со друг јавен превоз, што ги чини нешто поскапо.
Официјалната причина зошто е во прекин патничкиот транспорт се уште не е позната, а Канал 8 се обиде телефонски да ги контактира одговорните во акционерското друштво “Транспорт“ на “Македонски железници“, но освен префрлањето од број на број, никој од вработените не ја соопшти вистинската причина. Сепак, неофицијално можеше да се слушне дека токму оштетувањата од пожарот и недостигот од слободна железничка композиција придонеле за застојот во патничкиот транспорт.
За сега непознато е до кога ќе трае прекинот, односно дали воопшто ќе биде обновен превозот на патници со воз од источниот регион на државата. На официјалната веб-страница на “Македонски железници“ нема известување дека сообраќајот е во прекин, ниту пак дали има промени во возниот ред.
Во меѓувреме до надлежните се обративме и преку електронска пошта, но до комплетирањетро на оваа информација немаше повратен одговор.
Т. Ајтовски