25.01.2016 Kаратистот на кочански „Партизан“, Мартин Стојменов е избран за спортист на Кочани за 2015 година. Скоро едногласно претставниците на Сојузот на спортови и на медиумите од општината гласаа тој по четврти пат едноподруго да го добие највисокото спортско признание.
Тоа беше образложено со големиот број награди и освоени високи места на домашни и меѓународни натпревари.
Од листата на петмина пријавени за избор на спортист на годината, веднаш зад него се пласираа неговиот клупски колега Димитар Јакимов, потоа гимнастичарот Петар Каров, фудбалерката Анета Ѓоргиева и кошаркарот Иван Серафимов.
Во категоријата млад надежен спортист годинава беше решено да влезат 12 членови од скоро сите клубови кои пријавија свои кандидати.
Карате клубот “Партизан“ чии членови во 2015 година освоија најмногу медали и признанија на домашните и меѓународните натпреварувања доби најмногу гласови во конкуренција за најуспешна екипа, а тренерот на КГС “Кочани“, Николче Колев е избран за најдобар тренер.
Признанието најдобар спортски работник за 2015 година постхумно му припаѓа на д-р Блаже Ѓорѓиев, како поранешен член на КК “Партизан“. На изборот едногласно беше решено, по повод 10-годишнината од формирањето и успешното работење на ЖФК “Кочани“ на неговиорт претседател Љупчо Папазов да му биде доделено посебно произнание за значајни постигања во спортот.
Доделувањето на наградите и признанијата за најуспешните во спортот во 2015 година е закажано за в петок, 29 јануари, во 19 ч. во ресторанот „Национал“ во Кочани.
Т. Ајтовски