09.02.2016 По двегодишно најавување и исчекување жителите на Оризари конечно ја добија ветената детска градинка.
Објектот што се наоѓа во приземјето на поранешната општинска зграда во изминатите две години беше адаптиран и прилагоден за да ги згрижи најмладите. Го носи називот ’Кокичиња’ и ќе работи во состав на градинката “Павлина Велјанова“ од Кочани.
На свеченото отворање и пресекувањето на црвената лента присуствуваше и дополнителниот заменик министер Диме Спасов, според кого оризарци треба да бидат задоволни што добиле современ објект за предучилишно воспитување.
- Вкупните средства што се обезбедени од Министерството и од Општината се во износ од околу 3 милиони денари. Верувам дека овој објект ќе им помогне на сите родители кои имаат дечиња на предучилишна возраст и на сите идни родители да имаат соодветно место каде ќе ги згрижат своите дечиња во текот на работното време и ќе можат да се посветат на други работни обврски, рече Диме Спасов, дополнителен заменик министер за труд и социјална политика.
Градоначалникот Димитровски изрази задоволство од соработката со ресорното министерство и најави дека таа ќе продолжи и понатаму за да се реализира уште еден ваков објект во општина Кочани.
- Ова е еден проект, заеднички, помеѓу Општина Кочани и Министерството за труд и социјална политика, односно на Општината и Владата на Република Македонија и ова е продолжение на претходните акции што ги имавме. Како што беше градинката во Бели, имаме сега во Оризари, а понатаму имаме во план иста таква група да формираме и во селото Тркање како поголемо населено место и очекувам дека оваа квалитетна соработка што ја имаме ќе продолжи и во понатамошниот период, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Од градинката “Павлина Велјанова“, под чија надлежност ќе биде и градинката во Оризари, ги истакнаа придобвиките од отворањето на оваа предучилишна установа.
- Придобивките од отворањето на овој објект се на страна на градинката во поглед на овозможување на нови постоечки капацитети за згрижување поголем број деца, и на страната на родителите, жители на Оризари, во поглед на обезбедување на потребите децата да бидат згрижени и да биде реализиран воспитно-образовниот процес во близина на нивните живеалишта, рече Лидија Серафимова, директор на ЈОУДГ “Павлина Велјанова“.
Градинката во Оризари зафаќа вкупна површина од околу 250 метри квадратни, плус подрумски дел од околу 50 метри квадратни. Со нејзиното отворање ќе се растоварат капацитетите на другите клонови на детската установа во Кочани.
Т. Ајтовски