15.08.2013 По искористувањето на геотермалната енергија за загревање, во Кочани започнува посериозно да се искористува и сончевата енергија за производство на струја.
Во близина на оранжериите во Долни Подлог започнаа да работат две централи со фотоволтаични панели, кои произведуваат струја со која би се задоволиле нормалните потреби на дваесетина домаќинства. На проектот за изградба на централите во Кочанско се работеше неколку години, со што се надминати почетните административни бариери за таков начин на комерцијално производство на електрична енергија.
Носител на инвестицијата вредна 10 милиони денари е фирмата “Солар Санс КМ“ од Скопје чиј сопственик и директор има кочанско потекло, што е една од причините централите да се лоцираат овде.
- На површина од близу 3000 метри квадратни поставени се две независни фотоволтаични централни од по 50 киловати, значи вкупно инсталирана моќност за двете е 100 киловати. Планирано е производство на годишно ниво од околу 14 мегаватчасови. Двете централи се независни затоа што имаат независни приклучоци една од друга кон дистрибутивната мрежа на ЕВН, рече Горан Паунов, директор на “Солар санс КМ“ - Скопје.
Опремата и за двете централи е идентична, само што различен е аголот под кој се поставени панелите, за да се види која позиција е оптимална за што поголема ефикасност во искористувањето на сончевата енергија.
Источна Македонија има најголем број електрични централи со фотоволтаични панели во државата, а според Паунов, Кочани треба да стане еден од центрите на т.н. зелена енергија.
- На овој дел има две централи во Делчево, во Пехчево исто така две, во Кочани од лани има една, неодамна се изгради уште една, што значи дека сега оваа е трета, во Штип има една од 250 киловати, па се прошири за 700 киловати. Значи имаме скоро 1 мегават во Штип, но мислам дека и во Кочани нема да помине многу време за да го достигне тој капацитет што го има во Штип, до.дава Паунов
Централите со фотоволтаични панели во кочанскиот регион требало да бидат изградени од поодамна, но инвеститорот наишол на административни пречки за добивање соодветни урбанистички согласности, што се толкува како недоволно познавање на проблематиката за ваков вид објекти.
Дополнително, освен сончевата, ќе се користи и енергијата на ветерот за добивање струја за потребите на објектот во кој е сместена опремата за фотоволтаичната централа, со што капацитетот кај Подлог е единствен од таков вид во Македонија.
Т. Ајтовски