15.02.2016 Веќе 24 години по ред лозарите и овоштарите од виничкиот крај своите искуства од лозарството и овоштарството за годината што изминала ги споделуваат на традиционалната лозаро – овоштарска вечер што по повод празникот св. Трифун годинава се одржа во Блатец. Присуствуваа околу 200 лозари од виничките села.
- Традиционално секоја година ние лозарите ја организираме лозаро – овоштарската вечер што оваа година одлучивме да биде во село Блатец. Имаме дегустација на ракија, бело и црвено вино и ги одбравме најдобрите производители, рече Драган Филипов, кум и организатор на вечерта.
- Организацијата на лозаро–овоштарската вечер во Блатец почна пред 24 години на која јас бев прв кум и после почнаа да се организираат вакви вечери и да се празнува празникот св. Трифун, рече Благој Димитровски, агроном од Блатец.
Кум за следната година е избран Зоранчо Стоилов од село Блатец, а за присутните лозари имаше организирано и богата лотарија. По дегустацијата на вино и ракија девет члената комисија составени од добри познавачи на вино и ракија го оценуваше квалитетот на родот и одлучи да им додели награди на лозарите кои произвеле најдобра ракија, најдобро бело и црвено вино. За лозар што произвел најдобра ракија е прогласен Орце Пешов од село Драгобраште. Лозар што произвел најдобро бело вино е Драги Петров исто од село Драгобраште и за најдобро црвено вино комисијата одлучи да му даде награда на Ацо Анакиев од Блатец.
Инаку, 2015 година за лозарите во однос на родот и квалитетот на гроздовите зрна, а со оглед на неповолните временски услови сепак поминала задоволително вели агрономот Димитровски и додава дека под лозови насади во виничко има околу 100 хектари од кои во Блатец се 35 хектари. Од сортите на вина најзастапена е сортата вранец, по неа смедеревка, ракацители и хамбург.
- Блатец се одликува со многу квалитетно грозје што се произведува, а од него се произведува многу квалитетна ракија и вина. Тие вина се извезуваат во винарските визби и приватно се продаваат и многу се барани, додаде Димитровски.
Димитровски рече дека лозарите очекуваат богат род и ова година и се надеваат на добри и поволни временски услови.
Т. Велкова