19.02.2016 Подготвителните активности за изградба на експресниот патен правец Штип – Кочани се во завршна фаза, а пред да започнат работите на терен, неопходно е месното население да се запознае за точната локација каде ќе поминува новата сообраќајница.
Токму одржувањето на јавна расправа е можност да се претстават планираните површини земјоделско и друго земјиште за кое ќе се спроведе експропријација, беше речено на работната средба што се одржа во Општина Штип.
Со оглед што градежните работи ќе започнат во атарите на селата Три Чешми, Чардаклија, Долни и Горни Балван и Крупиште, првата јавна расправа на оваа тема се одржа токму за жителитие на овие населени места.
Од проектантскиот тим на фирмата „Чакар партнерс“ од Скопје рекоа дека експресниот пат низ атарите на штипските села ќе биде во должина од 14,3 километри, а делницата е наречена клучка „Ванчо Прќе“ и е дел од државната патна мрежа А3.
- Патот е со широчина од 11,4 метри, тоа е како патот што во моментов се гради од Велес до Кадрифаково. Јас би кажал дека ќе има подобра геометрија, подобри геометриски карактеристики, бидејќи во иднина оваа патна делница ќе прерасне во автопатско решение. Денес помалку ќе се разговара за техничките работи, а повеќе за експропријацијата на земјиштето со засегнатите страни на кои ќе им се одземе имотот, рече Бошко Цилаков, претставник од проектанската фирма „Чакар партнерс“ - Скопје.
Според проектантските пресметки, со изградбата на експресниот пат Штип - Кочани ќе се одземат од 350 до 400 хектари, од кои 75% ќе бидат државно земјиште, а останатите се земјоделско земјиште во приватна сопстевност. Решението за изместување на трасата од претходно планираната на постојниот пат ќе овозможи да се избегне поминувањето низ селата од регионот. Со тоа се зголемува безбедноста за месното население, но и за возачите.
- Трасата е поместена северозападно од постоечката траса од околу три километри, со заобикулување на населените места, и е доста поповолно. Значи во прв момент Чардаклија, а во втората делница што ќе се гради од Крупиште до Кочани, таму се заобиколуваат и Чешиново, Облешево, патот ќе гравитира во нивните атари, но нема да поминува низ самите села, додава Цилаков.
Должината на новиот пат ќе биде околу 28 километри, а на делницата од Штип до Крупиште ќе има десет патници и подпатници. На вториот дел од Крупиште до Кочани ќе има три мостовски конструкции и 10 патници и подпатници. Планирани се четири клучки, од кои првата е кај технолошко-индистриската зона кај Три Чешми, а, последната е пред Кочани, односно на местото на сегашната Подлошка крстосница, што дополнително ќе биде реконструирана и прилагодена.
Т. Ајтовски