14.03.2016 Постојано се зголемува водостојот на Брегалница која што поплави земјоделско земјиште, а се заканува да поплави и куќи. Посебно критични места се Чифлик, Облешево и Кучичино каде што водата доаѓа многу бргу и жителите стравуваат од поплави.
- Во моментот немаме поплавени куќи, но како што изгледа состојбата ќе бидат поплавени. Водата бргу надоаѓа и не фаќа паника, рече Јордан Ангелов, жител на село Чифлик.
- Ако се прекопа можеби ќе се спасат некои куќи да не ги поплави, не знам што ќе биде, страв ни е да не се повторат ланските поплави, рече Борислав Стефанов, жител на село Чифлик.
Општините обезбедија и пакувана вода за пиење за месното население и за училиштата, а механизација работи на терен. Инаку, реката Брегалница со излевањето го отсече селото Теранци и го поплави локалниот пат Облешево - Теранци.
Поплави има само на земјоделски површини, претежно оризови полиња. Инаку, од селото Мојанци и Грдовци целото земјоделско земјиште долж реката Брегалница е поплавено, се до Злетовска река кај Уларци. Одговорните од водостопанското претпријатие постојано се на терен и ја следат состојбата со браните Калиманци и Гратче и велат дека засега е под контрола.
- Браната Калиманци е на кота 515,50, дотокот е 67 метри во секунда, а на прелив е 49 метри кубни во секунда. Браната Гратче е на кота 465,21, дотокот е 4,8 метри кубни во секунда, а на прелив е 3,7 метри кубни. Имаме поплавено само земјоделски површини куќи се уште немаме. Состојбата будно ја следиме и понатаму, рече Николчо Гоцев, раководител на АД „Водостопанство“ ПЕ „Брегалница“.
Временската прогноза вели дека и утре ќе биде стабилно, а нови врнежи од дожд се очекуваат в четврток.
Инаку, локалниот пат Долни Подлог – Облешево, што викендов беше затворен за сообраќај поради надојдените води, e оспособен за сообраќај за сите видови моторни возила.
Т. Велкова