18.03.2016 При крајот на рокот во кој се спроведува проектот “Македонија вработува“ се сумираат позитивни резултати во однос на бројот на новоангажирани лица кои претходно биле во евиденцијата на Агенцијата за вработување.
Во тој поглед Кочани е меѓу најдобрите во регионот, затоа што ефектите се над очекувањата, односно вработени се скоро една третина од бројот на активните баратели на работа.
Со такви оценки излезе дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов, при посетата на кочанската конфекција “My fashion“, која е добар пример за успешната реализација на мерките од проектот.
- Мене навистина ме радува фактот што општина Кочани е една од општините во кои се постигнати најголем број вработувања преку мерката “Македонија вработува“ или поточно 1.040 работни места се отворени преку проектот. Тој дава исклучително големи резултати и до сега резултираше со 15.200 отворени работни места. Ова е огромна бројка на вработувања постигната за безмалку една година, рече Диме Спасов, дополнителен заменик министер за труд и социјална работа.
Според Спасов, освен добрата бројка на новоангажирани, поволност е и тоа што околу 10 илјади вработувања со проектот се за лица до 29-годишна возраст.
Kонфекцијата “My fashion“ од Кочани e новоотворен капацитет и во моментот во неа се вработени стотина лица. Менаџерскиот тим ги искористил мерките од проектот “Македонија вработува“ и скоро сите лица се ангажирани со него.
- Ние сме една од фирмите во Кочани кои што имаме вработени лица со мерката за вработување и сме задоволни од мерката, имаме доста олеснувања, имаме 95 вработени, можеби ќе ја зголемиме, но за многу мал број на вработени, рече Весна Паунова од конфекцијата “My fashion“.
Проектот “Македонија вработува“ ќе трае до 15 април, што според дополнителниот заменик министер Спасов е добра можност за компаниите и работодавачите да ги искористат поволностите и да ангажираат вработени за местата што им се неопходни. Притоа им се нуди ослободување од трошоците од 27 до 37 проценти колку што е субвенционирањето од страна на државата за секој вработен преку проектот.
Т. Ајтовски