25.03.2016 Поради изборите на 5 јуни, се поместува датумот на спроведување на екстерното тестирање на учениците.
Државниот испитен центар како одговорна институција за спроведување на екстерното тестирање на работен состанок во Скопје ги информираше директорите на сите основни училишта дека поради одржување на изборите, датумот на кој законски требаше да се спроведе екстерното од 1 до 10 јуни е одложено за неколку дена.
- Екстерното проверување за учебната 2015 - 2016 година ќе се реализира во четири дена или поточно на 9, 10, 13 и 14 јуни. Така не информираше Државниот испитен центар на вчерашниот состанок кога бевме во Скопје. Согласно Законот за основно образование екстрено тестирање се спроведува од 1 до 10 јуни, но годинава е поместено заради одржување на изборите на 5 јуни. Знаеме дека за време на изборите училиштата просторно се користат за спроведување на гласањето, па да се избегне хаосот во истакнувањето на списоци датумот е поместен, рече Ивица Цимбаљевиќ, директор на ОУ „Малина Попиванова“.
Со оглед на тоа дека многумина од родителите планираат одмори после 10 јуни, Цимбаљевиќ додаде дека за промената на датумот родителите навреме ќе бидат запознаени од страна на одделенските раководители.
Поместувањето на датумот на екстерното значи и поместување на датумот на упис на ученици во средно образование, за што дополнително ќе известат директорите на средните училишта.
За сега се знае дека објавувањето на прелиминарните резултати од тестирањето ќе биде на 20 јуни, а по разгледување на приговорите конечните резултати ќе бидат објавени на 30 јуни.
Т. Велкова