05.05.2016 Пред неколку дена семејството Стојанови од Чешиново фатиле стршлен кој се наоѓал во алиштата што се сушеле на терасата од нивниот дом.
Сопругот на Мануела Стојанова ја облекол блузата во која се наоѓал стршленот и веднаш почувствувал дека има инсект во неа, па кога виделе се исплашиле оти чудно се однесувал инсектот. Го фатиле и го ставиле во шишенце.
Кога пребарале на интернет и по прегледот на сликите и споредувањето веднаш се појавил сомнеж дека станува збор за смртоносниот азиски стршлен кој што пред извесно време беше се појавил во Неготино и Кавадарци. За среќа човекот не бил каснат.
- Додека мојот сопруг ја облекуваше блузата го забележавме стршленот и се исплашивме. Го фативме и кога пребаравме на интернет видовме дека се работи за опасниот азиски стршлен. Се сомневаме дека станува збор за тој опасен инсект, рече Мануела Стојанова, жител на Чешиново.
Инаку, допрва треба да е испитува за каков инсект се работи, а можноста дека се работи за азиски стршлен не е исклучена оти истиот е забележан во Неготино и Кавадарци, каде што по тогашните испитувања беше потврдено дека се работи за смртоносниот стршлен.
Овој инсект потекнува од Азија, има портокалова глава и може да порасне до 8 сантиметри. Лета со брзина од 60 километри на час. Азискиот стршлен ги напаѓа пчелите, убива и до 40 во една минута. Тој е опасен и за човекот, има голем црн заб за боцкање, со кој е во состојба да предизвика застрашувачки убоди кои личат на рани од куршум. Од неколку убоди може да престане работата на бубрезите, да го отежни дишењето и да предизвика смрт. Поради големите климатски промени, забележан е во повеќе балкански земји.
Надлежните апелираат до граѓаните, доколку го забележат инсектот да бидат особено внимателни, да не го провоцираат и да не се обидуваат да го фатат без заштита. Во случај да бидат каснати, веднаш да побараат лекарска помош за да примат антиалергиска терапија.
Т. Велкова