16.05.2016 Верниците од село Видовиште добија нова црква. Своите верски потреби од сега ќе можат да ги извршуваат во новоосветената црква поветена на патронот на МПЦ, Свети Климент Охридски.
Со голем народен собир пред присутните верници во село Видовиште, општина Зрновци беше осветена новата црква во ова село. Црквата ја освети митрополитот брегалнички господин Иларион во сослужение на свештенослужители од Брегалничката епархија.
- Овој храм Го прими и Бог и верниот народ од рацете на нашиот многу сакан и почитуван градоначалник Блаже Станков и неговите соработници кои што несебично со многу љубов го изградија и подарија на својот народ и на МПЦ. Посакуваме многу радост, многу крштевки и венчавки во него и многу освојувачи на Царството Небесно, рече господин Иларион, митрополит брегалнички.
Црквата во Видовиште е инвестиција на Општина Зрновци, а се градеше три години. Во фрескосликањето на внатрешниот дел на црквата покрај општината помогнаа и жители на Видовиште и Зрновци со свои донации и откуп на простор за сликање икони. Фрескоживописот е дело на Валентин Ѓурковиќ, сликар од Кочани кој ги наслика и фреските во црквата во Мородвис минатата година.
- Несомнено за нас овој ден е многу значаен историски ден бидејќи за прв пат во село Видовиште осветивме црква. Патот да се изгради црква беше тежок, но работевме со љубов кон Бога и успеавме целосно да го завршиме објектот. Им посакувам на сите жители здравје и живот, рече Блаже Станков, градоначалник на Општина Зрновци.
Блаже Станков и официјално ја предаде црквата на МПЦ, а владиката Иларион рече дека градоначалникот Станков се заложи да направи цркви, свештилишта и молитвени домови за сите луѓе кои што ќе го бараат Бога и духовно ќе се нахрануваат и затоа на него и на Советот на општина Зрновци им даде благодарница за големата љубов што ја дадоа кон верниот народ кој што живее во Видовиште. По осветувањето за сите верници беше подготвен празничен ручек.
Т. Велкова