26.05.2016 Над 30 граѓани од Истокот повеќе од сто пати во животот дарувале крв и со тоа спасиле туѓи животи. Од нив седум се во Штип а пет во Кочани.
61-годишниот пензиониран полицаец Коце Коцев е еден од петмината во Кочани кој на редовната крводарителска акција во Општинската организација на Црвен крст скапоцената течност ја даруваше по 161 пат.
Крв дарува од негови 17 години. Се потсетува на неговото прво крводарување.
- Првото крводарување беше на мои 17 години кога морав да излажам дека сум постар за да ми дозволат да дарувам крв. Хемијата сеуште не е на тоа ниво за да може во потполност да ја замени крвта. Крвта е лек што треба несебично да се дарува. Тоа не е производ што може на пазар да се купи. Ако секој втор здрав граѓанин на Македонија дарува крв, барем еднаш во животот, потребите од крв во Македонија ќе бидат задоволени, вели рекордерот крводарител Коце Коцев.
Чувството да се дарува крв и да се спаси живот е многу силно, вели крводарителот од Кочани Петар Делчев кој на крводарителската акција крв даруваше по 105 пат.
- Секогаш кога дарувам крв, јас се чувствувам одлично, не само физички, но и психички, затоа препорачувам на сите млади да даруваат крв, рече крводарителот Петар Делчев.
Редовната крводарителска акција во Општинската организација на Црвен Крст - Кочани протече добро и дарувани беа околу 30 единици крв.
Т. Велкова