27.05.2016 По втор пат граѓаните на Виница кои го поддржуваат граѓанското движење “Протестирам“ и “Шарената револуција“ излегоа на протест.
Вообичаената прошетка по улиците на градот ја започнаа од просторот кај пазарот од каде со повиците “Нема правда - нема мир“, “Оставка“ и “Робија за мафија“ го пренесоа незадоволството од однесувањето на актеулната власт и од актуелната политичка состојба во државата.
Колоната запре пред зградата на Општина Виница каде беа искажани главните барања на протестот.
- Борбата против ова зло кое што 10 години владее со Македонија е борба на секој граѓанин во Македонија за еднаквост и правда и таа борба не треба никогаш да запре. И ако нема правда за народот, ќе нема ниту мир за оваа власт. Ќе им порачаме, тука сме, не ви се плашиме, ние не сме лопови, ние не бегаме, се бориме и ќе се бориме, и ќе има правда и ќе има мир, рече Соња Ѓорѓиева, граѓански активист.
На протестот на поддржувачите на “Шарената револуција“ во Виница беше речено дека тие нема да дозволат криминалци и фалсификатори на волјата на граѓаните да останат на слобода, а само ситните прекршители на законите да лежат затвор. Пред насобраните протестанти зборуваше и портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
- Драги пријатели, шетајќи вечерва по улиците по Виница го гледам она што го гледам секој ден низ целата наша држава. Затворени дуќани, нема веќе бизниси, децата ни се иселени, нема семејство, нема куќа која што сос воетот дете разговара на скајп или пишува на вибер секоја ноќ. Нема поголема болка за секој родител да го испрати своето дете на печалба, затоа што имаме власт која што краде, затоа што имаме власт која не мисли на нашите деца, затоа што имаме власт која мисли само на себе, само на својот интерес, нема да дозволиме да направат од Македонија свој пашалак, рече Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
Протестот во Виница помина во мирна атмосфера и без инциденти. Граѓаните рекоа дека нема да се откажат од своите барања се до нивното исполнување, поради што деновиве ќе организираат нови протести.
Т. Ајтовски