01.06.2016 Нова серија од тридневни протести започнаа поддржувачите на “Шарената револуција“ во Кочани.
Од собирното место во Паркот на Револуцијата тргнаа на вообичаениот марш по централните градски улици, истакнувајќи го транспарентот со основното барање за еднаквост пред правдата на сите граѓани на државата, без селективност кон поединци.
Колоната граѓани беше забележително побројна од претходните протести, што според организаторите е резултат на се поголемото незадоволство од политиката што ја води партијата на власт.
- Треба едно да знаеме, дека народот е силата, а не е силата во 20-30 привилегирани луѓе кои мислат дека се и над законот и над институциите и над државата. Силата е во секој слободен граѓанин од вас, секој што излегол на улица овде, покажал храброст и се спротивставил директно на криминалната банда што моментално е на власт, рече Благојчо Ѓоргиев, поддржувач на “Шарената револуција“.
На протестот поддршка дојде и од СДСМ на централно и на локално ниво, а можеа да се забележат и граѓани кои биле членови или поддржувачи на партијата на власт. Пред присутните беше јавно побарано претседателот Иванов целосно да ја повлече одлуката за аболиција.
- Пред неколку дена се јави и фикусот од претседател, најави делумно повлекување на аболицијата. Нашите барања беа јасни, гласни и едноставни, целосно повлекување на аболицијата. Законот и Уставот мора да важат за сите подеднакво, селективна правда не смее да има, селективна правда е неправда, рече Дарко Каевски, потпретседател на младинската организација на СДСМ.
Пред присутните беше упатена пораката дека не може да има амнестија и помилување за извршен криминал против државата и нејзините граѓани.
- Цело време повторуваат како навиени, нас не интересира само работата, проектите, Програмата. А кога народот вели, сакаме правда, сакаме нашите пари што се украдени да ни се вратат, тоа некако не им се слуша. Затоа од овде ние сите им порачуваме, ако нема правда за бадијала се сите проекти, за бадијала е Програма. Ако нема правда, нема ни економија, нема ни развој. Ако нема правда, нема да има ниту мир, рече Дејан Павловски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Протестот вообичаено помина мирно и без инциденти. Според најавите од организаторите маршот по улиците и собирите според сегашната динамика ќе траат до четврток, а потоа ќе се договараат нови термини.
Т. Ајтовски