06.06.2016 Скандалозна е изјавата на поранешниот премиер Груевски за кочанските социјалдемократи во која тој при посетата на кочанскиот регион викендов изјави дека СДСМ е виновен за проблемот со откупот на оризот.
Демантирајќи го неговиот став за понижувањето на оризопроизводителите кои очекуваат помош од државата, на прес-конференцијата што ја одржаа рекоа дека наместо да понуди излезни решенија преку интервентен откуп или преку економските промотори да изнајде нови пазари, тој се служел со лаги и манипулации на чесните земјоделци.
- Го потсетуваме Никола Груевски за сечењето на лента на најголемиот откупувач на ориз, како што ја најави турската инвестиција „Левидиагро“ минатата година кога изјави дека проблемот со пласманот на оризот ќе биде решен. Каде е сега оваа инвестиција, зошто не се откупува оризот на земјоделците? Го потсетуваме исто така дека со посредство на министерството за земјоделство беше договорена и цената на белиот ориз за 50 денари килограм и 25 денари за арпа, рече Сашко Костов, претседател на Општинската организација на СДСМ – Кочани.
Костов рече дека ништо од она што го ветиле Груевски и неговите министри не се реализирало, туку се останало само лага и празно ветување на владата.
- Тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ владее изминативе 10 години. Со понижување и уцена на земјоделците, а за нерешените проблеми во аграрот, сите се виновни, само не владата. Остро реагираме и на поделбата на земјоделците по партиска линија. Тие за нас прво се земјоделци, а потоа членови или симпатизери на одредени партии, додаде Костов.
Од Општинската организација на СДСМ рекоа дека граѓаните навикнале од поранешниот премиер Груевски и од министрите во актуелната власт да слушаат паушални изјави и неосновани обвинувања во кои сите други се виновни за актуелните состојби. Случајот со оризопроизводителите бил добар пример за лошата аграрна политика во изминатите десетина години.
Т. Ајтовски