14.06.2016 Интервентниот откуп на ориз за државните стокови резерви е проблематична постапка и тешко може да се изведе. Освен тоа во државниот буџет не биле планирани пари за таа намена, така што решавањето на проблемите со пласманот на оризот на тој начин нема да се реализира.
Таков е ставот на министерот Михаил Цветков околу најавите дека државата ќе откупи одредени количини од минатогодишната реколта за да се ублажи тешката финансиска состојба на земјоделците.
- Во Законот за државни резерви кој што е во Министерството за финансии оризот до 2012 година бил како стратешка култура, но од тогаш не е ставен таму. Јас сабајле имав разговор со директорот и ми кажа дека тоа не е ни влезено во нивните планови, значи немаат обезбедено средства и тоа е многу тешко за реализирање бидејќи оди според Законот за јавни набавки, значи проблематично е тие средства да дојдат до земјоделците, што сакаме да го направиме, рече Михаил Цветков, министер за земјоделство.
Тврдењето на министерот Цветков е сосема спротивно од она на неговиот заменик Костадиновски, искажано минатата недела во Облешево, дека е започната постапка за измени и дополнувања на Законот за стокови резерви за да се овозможи интервентен откуп на оризот.
- Веднаш кога ќе го промениме Законот и кога ќе ја вратиме на листата на стоки од стратешко значење оризовата арпа и кога Законот ќе биде донесен во Собранието, ќе пристапиме со реализација на таа мерка да набавиме количини што ќе ни бидат потребни за државните резерви, рече Ванчо Костадиновски, заменик министер за земјоделство.
По негирањето на намерата за интервентен откуп за стоковите резерви, министерот Цветков рече дека во ресорното министерство се размислува на земјоделците да им се исплати дополнителен надоместок за килограм оризова арпа предадена во откупните претпријатија. Висината на оваа помош се уште не била утврдена, а непознато е и како ќе се стимулираат преработувачите да го купуваат оризот во услови кога во изминатите месеци има минимален откуп.
Т. Ајтовски