15.06.2016 Увоз и препродажба на поевтин странски ориз под брендот 'кочански' не би можело да има поради заштитните царини, ниту пак тоа можела државата да го спречи.
Таков е ставот на министерот за земјоделство Михаил Цветков, искажан во вторникот при неговата посета на Кочани. Исто така, до него не стигнале ниту поплаките од земјоделците од регионот дека од Бугарија и други земји се купува ориз по пониски цени и потоа се пласира на пазарите во соседните земји каде што вообичаено се продава нашиот ориз.
- Оваа информација не ја знам јас, не можеме да го спречиме. Ова што рековте од Бугарија, јас колку сум информиран таму има царина, значи 40 отсто е царината. Доколку тој ориз увезен од Бугарија и со 40% царина е конкурентен кај нас, тогаш треба да запрашаме ние, оти не е проблемот до увозот, туку проблемот е кај нас. Значи, со 40 отсто ако е конкурентен, имаме проблем, односно не сме го примениле сето она што треба да го направиме за да бидеме конкурентни. Така што, јас често кажувам, ние треба да го направиме земјоделци кои не треба да чекаат како на фудбалски натпревар судијата да досудува пенали само за нас и на голманот да му даде црвен картон и да нема голман, па само ние да даваме голови. Значи, ние мораме да направиме земјоделско стопанство што ќе може да се бори на пазарите, рече Михаил Цветков, министер за земјоделство.
Неодамна земјоделците организираа неколку протести во Облешево, при што го блокираа магистралниот пат, со барање да се запре увозот и препродажбата на ориз од странство со брендот 'кочански ориз'. Тогаш тие обвинија дека тоа го прави фирма од Кочани со согласност од надлежните во државата.
- Зошто не си ги откупува своите дадени семенски материјали од турските семиња, туку увезува сега од Италија и Бугарија со назнака на пакувањето кочански ориз на странските наши пазари во Косово, Босна, во Србија... Еден шлепер ако се извезе од една фирма, дали Ане или Мачето, кој било, на границата со Србија господинот има поврзани луѓе, ги плаќа или како прави, дали му се соработници од Царината, му ѕвонат и тој итно оди во истата фирма каде што е извезен оризот, веднаш нуди 2,3,5 шлепери со 20 отсто пониска цена и тоа увезува ориз од Турција, Италија, од секаде носи, тоа ли ќе биде партнер и странски капитал кај нас, рекоа земјоделците.
Никаква корист не гледаат земјоделците во кочанскиот регион од тврдењето на министерот Цветков дека Македонија има потпишано договори со Светската трговска организација, со ЦЕФТА и слични организации и затоа не можела да ги прекршува. Факт е дека до сега е откупена само една третина од минатогодишната реколта, а остатокот стои во амбарите, што заедно со нелојалната конкуренција од увезен поевтин ориз ги става во незавидна финансиска ситуација.
T. Aјтовски