22.06.2016 Полицијата расветли два случаја на поголеми кражби што во изминатата половина година се случија во Кочани.
По истрагата што беше спроведена во текот на овој месец, откриени се сторителите на разбојничкиот чин во Ловниот дом, каде беа украдени неколку пушки и пиштоли. Против лицата е поднесена соодветна пријава, велат од СВР – Штип.
- Полициската станица - Кочани до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против пет лица на возраст од 13 до 15 години од Кочани поради постоење основи на сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „тешка кражба“. Пријавените во периодот од 22 до 29 мај оваа година во просториите на Ловниот дом во Кочани со употреба на подесен алат и сила, најпрвин ја откорнале металната заштитна решетка на еден од прозорците на подрумската просторија, од каде влегле внатре и со подесен алат насилно ги отвориле сите собни врати од објектот, извршиле претурање и зеле клучеви од ормар, го отклучиле и одзеле два пиштоли, еден ловен карабин, една малокалибарска пушка, две трофејни пушки и електричен кабел причинувајќи материјална штета од 29.000 денари, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР - Штип.
Освен оваа, расветлен е уште еден грабеж во кој 20-годишно лице од Кочани крадело во магацин во која имало машка и женска облека. Полицијата и против него поднесе кривична пријава за стореното дело тешка кражба.
- Ноќта помеѓу 8 и 9 јануари годинава со намера за себе противправно да прибави материјална имотна корист пријавениот со употреба на подесен алат насилно ја отворил споредната влезна врата на магацинска просторија во Кочани, влегол внатре и одзел 55 машки панталони, 43 машки јакни, 4 машки капути, 5 женски јакни, 19 фустани, 19 машки каиши, 38 маици со што причинил материјална штета околу 193.000 денари, додава Панајотова.
Од полицијата велат дека и понатаму работат на истрагата на други случаи на ктражбио во општината што се случија во изминатиот период.
Со оглед на сезоната на годишни одмори и отсуства на граѓаните од нивните домови, од СВР предупредуваат на можноста за зачестена појава на имотните деликти, поради што апелираат самите граѓани да преземат соодветни мерки со кои ќе го намалат ризикот да бидат ограбени.