27.06.2016 Освојувањето на првото место со сите генерации во Детската лига - Источен регион и второто место во Пионерската лига - Североисточен регион се резултати од кои ракводството и стручниот штаб на екипата “Фудбал старс“ од Кочани се повеќе од задоволни.
Тоа е потврда за одличниот квалитет што го имаат најмладите фудбалери од општината, како и за упорноста во настојувањето да се одржи добрата форма и дисциплината во тренирањето и на натпреварите.
Високиот пласман на екипите е уште подрагоцен со оглед на просторните и финансиските услови во кои до сега работеше клубот, а за што во план е од идната сезона да има извесни подобрувања.
- Конкуренцијата нормално дека беше силна, имаше доста неизвесни натпревари, меѓутоа нашите деца со голема волја, поддршка од нас и залагање ги постигнаа најголемите резултати. Моментално ние сме во функција за оспособување на теренот во Горни Подлог и тоа доста напредно работиме, теренот е оспособен веќе, и сега проблем ќе ни биде само соблекувалните да ги средиме, се надеваме дека ќе имаме некаква помош и од Локалната самоуправа, рече Симеон Митев, тренер на ФК “Фудбал старс“ – Кочани
Дополнително признание за успехот на младите фудбалери е што дел од нив своето образование ќе го продолжат на фудбалската академија. Момчињата се избрани во силна конкуренција, а приемните натпревари ги следеле претставници од Фудбалската федерација.
- Од 8 кандидати од нашата школа, од генерацијата 2001, веќе 6 се запишани. Во првиот круг беше толку ригорозно што само 10 дечиња беа избрани од 40 пријавени, а од десетте четворица беа од нашата школа. И во генерацијата 2003 оваа година за прв пат таква паралелка формира Федерацијата под покровителство на УЕФА. Исто така, од нашата школа две дечиња ќе бидат таму сместени, во таа паралелка, таму ќе работат, таму ќе престојуваат во Скопје во интернат, и под нивно раководство ќе бидат и тоа е голем успех за нашата школа. Не е мала работа од 20 деца две да бидат од Кочани, додава Митев.
Успехот на најмладите фудбалери од “Фудбал старс“ е доказ дека во општината и регионот има талентирани спортисти, што од друга страна е гаранција дека иднината на фудбалот е во нив. Неопходно е само надлежните да помогнат во создавањето подобри услови за работа и да овозможат непречен развој во нивната спортска кариреа.
Т. Ајтовски