29.06.2016 Одличен настап со добро осмислена програма во која беа вклучени дела од Штамиц, Доницети, Моцарт, Керлер и Милоти имаше младата Тиана Јовиќ на својот втор солистички концерт на флејта во Кочани.
Во преполната сала на ресторанот “Амор“ публиката уживаше во изведбата на делата од романтизмот и класицизмот, а имаше можност да слушне и нешто посовремени творби, создадени во 20 век. После секој настап следуваа бурни аплаузи, како потврда за задоволството кај присутните од изведбата.
Веднаш по концертот Јовиќ, не криејќи ја возбудата од настапот, рече дека е задоволна од тоа како ја исполнила планираната програма, но и воопшто од досеgaшаниот успех во својата музичка едукација.
- Оваа година работев под менторство на мојата професорка Симона Марочковска – Манојловска која ми беше голема поддршка. Задоволна сум што имаше толку многу луѓе на кои, се надевам, им се допадна мојата музика и се надевам дека ќе одржувам уште многу вакви концерти. Ова е прв пат да се одржува еден концерт во ресторанот “Амор“ и се надевам дека ќе има уште многу, рече Тиана Јовиќ.
Јовиќ е ученичка во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј“ во Скопје, каде ја заврши втората година.
Задоволство од настапот на солистичкиот концерт на својата ученичка изрази и професорката Марочковска Манојловска, која потенцираше дека Јовиќ успешно напредува, за што доказ се многубројните награди.
- Супер талентирана, многу вредна, тоа што ќе се каже веднаш се сработува, ако не истиот ден тогаш утредента како домашна задача. Успеси имавме огромни оваа година, бевме на повеќе натпревари, први награди, втори награди имавме, единствено една пофалница, другото беа речиси први награди наредени. Сите беа меѓународни натпревари, само на еден државен бевме и така, јас сум презадоволна, рече Симона Марочковска – Манојловска, професор.
Настапот на Тиана Јовиќ на нејзиниот втор солистички концерт во Кочани се реализираше во пијано-соработка со Ивана Јанакиевска од Кавадарци, студентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Т. Ајтовски