29.06.2016 Надворешната канцеларија за криминални работи - Кочани поднесе кривична пријава против 45-годишниот А.Н. од селото Таринци во општина Карбинци поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „самовластие“ и дополнително кривично дело „спречување на докажување“.
На 31 мај годинава на м.в. „Црквен Рид“ во атарот на село Бурилчево, додека 63-годишниот В.С. од Бурилчево го напасувал стадото кози, пријавениот со уште четири непознати лица дошол на наведеното место и со метален предмет го удрил сточарот во пределот на грбот.
Потоа го турнал на земја и му упатил сериозни закани дека ќе посегне по неговиот живот и тело доколку не му ги даде козите.
По физичкиот напад заедно со останатите четири непознати лица му одзеле 40 кози и ги однеле во правец на селото Аргулица во општина Карбинци. Освен тоа, пријавениот направил уште еден кривичен престап со тоа што на неутврден датум, со намера да го спречи или отежне докажувањето на кражбата, ги отстранил и уништил ушните маркици од 34 кози.
По пријавувањето на настанот и расветлувањето на случајот од страна на полицијата, 45-годишникот од Тарицни ќе мора својата постапка да ја објаснува во Јавното обвинителство.