29.07.2016 Црната точка на вкрстување на улиците “Тодосија Паунов“, “Стево Теодосиевски“ и “Глигор Апостолов – Гочо“ во близина на Гимназијата во иднина треба да прерасне во големо кружно движење што ќе ги зафати постојните два моста.
Општина Кочани веќе ги започнала активностите за реализација на планот, при што е изготвена потребната техничка документација.
Изведбата на постојниот кружен тек кај Полициската станица се покажала како многу ефикасна, заради што семафорите и другата сигнализација ќе се заменуваат со побезбедни сообраќајни решенија. Идејата за овој проект се најавува неколку години, и во Општината го оценуваат како еден од капиталните зафати во решавањето на сообраќајниот хаос.
Техничката документација била пообемна и содржела соодветни решенија за сите придружни елементи околу новиот кружен тек.
- Проектната документација содржи повеќе елементи, од сообраќајно, архитектонско решение, заштита од водата бидејќи се работи над Кочанска Река, електрика, осветлување, зеленило, значи има 12-13 проекти за начинот на изведба. Кога ќе се изведува потребно е да не се стопира сообраќајот, тоа е такво критично место каде што не можеме да го затвориме сообраќајот. Значи, за тоа се издвоени околу 30 илјади евра, а со еден од тие проекти е давање финансиска конструкција, финансиска пресметка, односно одредување колку би чинела изведбата на тој проект, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Токму пресметката на трошоците за чинење на новиот кружен тек кај Гимназијата покажала дека Општина Кочани треба да обезбеди меѓу 600 и 700 илјади евра. Оваа сума е далеку повисока од финансиските можности на буџетот на Локалната самоуправа.
На неодамнешниот состанок на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, кога се разгледуваа предлозите за воведување еднонасочен сообраќај на дел од улиците во градот, од општинската администрација беше речено дека намерата на локалната власт е до крајот на годината да се започнат градежните работи на новиот кружен тек.
Сепак, непознато остана дали ќе биде неопходно Општината да направи уште едно кредитно задолжување од милион евра или ќе се бараат други извори за финансирање.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.