03.08.2016 Двајца браќа од Кочани во понеделникот вечерта предизвикале нарушување на јавниот ред и мир, откако започнале вербална расправија, а потоа и меѓусебна физичка пресметка.
Според информацијата од СВР, на 1. август, околу 19,50 часот, 40-годишниот И.В. се движел со возило по улицата „9 Мај“, кога го пресретнал неговиот брат, 37-годишниот М.В., кој најпрво се нафрлил врз возилото, а преку отворениот прозор го фатил возачот, по што почнал да го влече за раката со намера да го извади од истото.
Во тој момент И.В. тргнал со возилото наназад и го повлекол својот брат, по што тој паднал и се здобил со тешка телесна повреда, односно скршеница на левата нога. Потоа тој излегол од возилото, при што настанала меѓусебна расправија во која се вмешала и неговата снаа, 31- годишната Ц.В. Во физичката пресметка меѓу браќата и таа се здобила со повреди во пределот на главата.
Во меѓувреме настанот бил пријавен во полиција, по што за смирување на расправијата интервенирале полициски службеници.
М.В. бил пренесен во болницата во Кочани, каде му била укажана лекарска помош, но поради сериозноста на повредите бил префрлен во Градската општа болница во Скопје. Неговата сопруга Ц.В. исто така била пренесена во болницата и е задржана за понатамошно лекување.
Во меѓувреме од полицијата велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.