24.08.2016 Патничко моторно возило марка лада рива со кочански регистерски ознаки завршило во бетонската куќичка на ЈП “Македонија пат“ за да избегне директен судир кај месноста Подлошка крстосница на магистралниот пат А3.
Сообраќајната несреќа се случила во вторникот околу 20,30 часот кога малолетниот 16-годишен возач на ладата, што се движела во правец на Штип, наводно се обидел да сврти во десно за да не удри во друго возило што му го попречило правецот на движење.
Од ударот во објектот тој се здобил со телесни повреди, а возилото било тешко оштетено поради што морале да интервенираат и пожарникарите за да го извлечат.
На местото на несреќата и претпладнето беа видливи траги од кочење и остатоци од оштетениот автомобил, а од ударот целосно е срушена бетонската куќичка. Увидот на сообраќајната полиција треба да помогне во расчистувањето на причините за несреќата.
Инаку, оваа делница се смета за вискоризична и е позната црна точка на која досега се случиле поголем број несреќи со сериозни последици, па дури и со човечки жртви. Најчести причини за несреќите се невнимателно излегување на коловозот од споредните патишта и движењето на земјоделската механзиација.
Токму за безбедноста на локацијата стана збор и на последниот состанок на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на кој беше речено дека треба да се направи промена на сообраќајната сигнализација, односно брзината на движење од 80 да се намали на 60 километри на час.
Сепак, за целосно решавање на проблемот со големата фреквенција на возила од сите четири страни ќе треба да се почека на изградбата на кружниот тек што се најавува уште од пред пет години, а што би бил дел од новиот експресен пат Штип - Кочани.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.