12.09.2016 Од почетокот на оваа недела “Македонски железници“ започнаа со примена на изменет возен ред, што доаѓа по завршувањето летната сезона и зголемените потреби за превоз на патници, пред се ученици и студенти.
Со ваквите промени, се намалува бројот на возови што ќе сообраќаат на повеќе правци во државата, меѓу кои и кон Кочани.
Според информациите од “Железници“, од Скопје кон Кочани наместо два, како што беше во изминатите три месеци, ќе сообраќа само еден еден воз.
Со утврдениот возен ред тргнувањето од Скопје за Кочани ќе биде во 1.54 часот, а враќањето од Кочани за Скопје е во 5.00 часот наутро. Тоа значи дека патниците ќе немаат можност да користат железнички превоз во термините од 15.22 часот во правец на Кочани, односно од 19.30 часот во правец на Скопје.
Ваквата измена доаѓа по тримесечниот период во кој беше воведен зголемен број возови кон оваа и останатите линии во државата.
Инаку, од “Македонски железници“ воведоа по една линија помалку и на правците кон Кичево и кон Гевгелија. Истовремено, укинати се меѓународните линии кон Белград и Солун, односно до главните градови на овие соседни држави не може воопшто да се патува со воз.
Од ЈП “Македонски железници“ нема официјално известување за причините поради кои е редуциран возниот ред и се укинуваат дел од возовите што превзезуваа патници во текот на летото.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.