16.09.2016 Заврши распишаниот оглас за вработување на уште шест лица во Општа болница - Кочани. Станува збор за двајца лекари кои ќе бидат упатени на специјализација, со предност на хируршките гранки, и четири вработувања на здравствени работници - две сетри, еден лаборант и еден радиолошки технолог.
Огласот е резултат на 350-те одобрени вработувања од Владата за здравствени работници.
На распишаниот оглас кој што траеше шест дена, за сите предвидени места се пријавиле и поднеле документи соодветни лица, па сега им преостанува да полагаат стручен испит и англиски јазик, информираше Дејан Апостоловски, директор на Општа болница Кочани.
Од крајот на август пак, во кочанската Општа болница во редовен работен однос се примени тројца доктори по општа медицина. Истите ќе бидат упатени на специјализација по анестезиологија, педијатрија и оториноларингологија. Новите специјализации се резултат на неодамнешниот оглас што го распиша Министерството за здравство за кофинансирани специјализации.
Инаку, за година или година ипол четворицата специјализанти кои пред три години ги прати болницата на специјализација ќе завршат со изучувањето, додава Апостоловски. Станува збор за специјализанти на хирургија, неврологија, педијатрија и гинеколологија.
Од февруари оваа година вработен е нов психијатар во психијатриското одделение во Општа болница.
Со новите вработувања и специјализациите кочанската Општа болница полека го докомплетира специјалистичкиот кадар кој што е дефицитарен во установата.
Т. Велкова
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.