19.09.2016 Комисијата за култура при Советот на Општина Кочани и Организацискиот одбор на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ одржаа состанок со цел финиширање и прецизирање на активностите за 25-та манифестација што годинава ќе се одржи во 4 дена, од 13 до 16 октомври.
На програмата од Mанифестацијата и годинава ќе се најдат бројни содржини. Деновите на оризот започнуваат на 13 октомври со отворање на петтата локовна колонија „Св. Пантелејмон 2016“ и театарска претстава на актери од Пореч, Република Хрватска.
На 14 октомври организирана е посета за гостите на знаменитости надвор од општината и настап на гостите во околните општини Виница, Македонска Каменица и Зрновци.
Изборот на жетварската убавица со настап на гости од Хрватска е закажан за 14 октомври со дополнително утврдување на времето на одржување.
В сабота, на 15 октомври, гостите, делегациите и културно уметничките друштва ќе бидат примени кај градоначалникот, а потоа истиот ден следува културно-забавна програма со настап на децата од градинките, училиштата, хоровите, децата од фестивалот „Музички бранови“, фолклорните друштва од општината и групите од странство. Ќе се делат и специјалитети од ориз сутлијаш, лапа и пилав.
- Кочанските денови на оризот годинава и со нови содржини со внесување на спортски активности, тетарска претстава и настап на хорови. Очекуваме масовна присутност од граѓаните од Кочани и соседните општини, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Главните случувања се закажани за в недела на 16 октомври кога ќе биде извршен обичајот зажнејување и вршидба, кои што годинава ќе се одвиваат на нива од Институтот за ориз кај Грдовски пат, проследено со настап на фолклорна група со жетварско оро.
Истиот ден во 12 часот во паркот програмата продолжува со прогласување на најдобар земјоделец на годината, најдобра фотографија за Кочани како и најдобро уметничко дело со мотив од Кочани од Ликовната колонија.
Комисијата за култура и Организацискиот одбор на состанокот се договараше и околу настапот на познат естраден уметник или група од Македонија каде што беше предложено да се покани познатата етно групата Љубојна.
Т. Велкова
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.