06.10.2016 500 илјади денари планира да потроши АД Водостопанство на Македонија за изработка на основен проект и ревизија на рехабилитација на левиот магистрален канал од хидросистемот “Брегалница“.
Се работи за планирана реконструкција на оштетувањата на каналот на делницата од Зрновци до Бурилчево во должина од над 18 километри.
Со изработката на проектот ќе се добие технички документ за подобрување на условите за пропусната моќ на каналот, намалување на загубите на вода и можност за задоволување на потребите на крајните корисници.
Јавниот повик за избор на фирма што ќе го изработи основниот проект е веќе објавен, а според одговорните во водостопанското претпријатие, за целата постапка ќе се искористат средства од европските финансиски фондови.
- Тоа е преку ИПАРД програмата, преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руалниот развој и после изработка на овој проект треба да распишан и тендерот за самата рехабилитација. Се надевамде дека сето тоа ќе биде беспрекорно, ќе биде во најбрз можен рок и веќе ќе излезе механизација на терен за да се санира конечно веќе тој канал, иако може да се каже дека левиот магистрален канал е во многу подобра кондициска состојба отколку десниот, рече Николчо Гоцев, директор на водостопанска подружница “Брегалница“ – Кочани.
Инаку, на терен веќе се работи на расчистување на дел од каналот, за да се овозможи негово ставање во функција на делницата што е во подобра состојба, односно каде што загубиоте на вода би биле помали.
- Веќе е почнато скоро две недели со чистење на самиот лев канал и во моментот механизацијата се наоѓа меѓу Видовиште и Мородвис, веќе го одминуваме Мородвис и од снимките може да се види дека состојбата на левиот канал е многу подобра во однос на десниот канал, додава Гоцев.
Во изминатите 50-тина години од изградбата на хидросистемот имало повремени одржувања на левиот канал во рамките на расположивите средства, но сепак на некои делови оштетувањата се такви што тој не е во состојба да ја извршува својата функција. Тоа предизвикува големи загуби на вода поради што е потребна итна реконструкција и примена на автоматизација со управувањето за да се постигне поголема рационализација во искористувањето на водата.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.