18.10.2016 Новите вработувања со огласот што неодамна го објави Општина Кочани и чиј рок веќе заврши не биле партиски ангажман, туку објективна потреба.
Според првиот човек на локалната власт, во општинската администрација имало уште слободни места што би требало да се пополнат. Иако е предизборен период, според Димитровски немало потреба од кревање паника во јавноста затоа што настанале околности во кои вработувањата на неопределено време биле вообичаена и неопходна постапка.
На последната седница на Советот до него беше упатено директно советничко прашање за позадината на ангажирањето нови лица.
- Прашањето е кратко и јасно, дали станува збор за партиски вработувања во очи на изборите што треба да бидат пред Нова Година, рече Ѓорѓи Алексов, член на Советот на Општина Кочани.
- Не, не е партиски, туку е замена на оние лица кои по разни основи ја напуштија Општината. Ние имаме некаде околу 23-24 кои со пензионирање, па дури и раководители на сектори, на одделенија, некои починаа, некои отидоа, напуштија, така што од Секторот за финансии имаме 5 испразнети места, од Правни работи 4, ЛЕР двајца и така натаму, пожарникари отидоа во пензија, мора да се работи за замена на тие лица, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Иако според законските одредби нема децидна забрана за вработување нови лица во предизборен период, тоа се подразбира бидејќи постојат можности за злоупотреба на буџетски средства. Сепак, на помалку од 60 дена пред предвремените парламентарни избори што и официјално се веќе распишани, Општината ги пополнува работните места што според нејзиниот прв човек биле испразнети.
Останува прашањето зошто тоа се прави токму во овој период, ако се знае дека празнењето на работни места по разни основи се, случило пред половина година, па и подолго. Отворена е и дилемата дали покрај сегашните вработувања, според бројот што го спомена Димитровски, ќе има место за уште дваесетина други лица што би се вработиле пред кампањата за локалните избори што ќе следуваат по неколку месеци.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.