11.11.2016 Компанијата ИНТ од Кочани е единствена од општината и меѓу ретките во регионот што континуирано, со години наназд се вбројува меѓу 200-те најголеми и најуспешни во Македонија.
Признанието Топ 200 го доби и оваа година од Капитал Медиа Груп, откако биле анализирани македонските компании според вкупните приходи и остварениот нето финансиски резултат во 2015 година.
Во образложението за признанието што го доби ИНТ заедно со останатите фирми се вели дека тие го движат стопанството и го претставуваат лицето на македонската економија. На листата 200 најпрофитабилни компании годинава се најдоа многу од големите бизниси, но и голем број помали фирми, кои успеале да направат големи профити.
Менаџерскиот тим на ИНТ е задоволен од постигнувањата за кои признаваат дека се и обврска за продолжување со истото темпо како и досега.
- Секако, ние сме во Макеоднија и се натпреваруваме со компаниите од Македонија, секако дека овој резултат многу ни значи, не радува и не обврзува да продолжиме со истото и поголемо темпо за да се одржиме на нивото што веќе го држиме неколку години. Помеѓу 200 најголеми компании за првпат влеговме во 2012 година и тој континуитет до денес го одржуваме. Секаком дека тоа се резултати кои, како што реков радуваат, меѓутоа зборуваат и за економскиот потенцијал или капацитет на Македонија. За жал, ние се наоѓаме во Македонија и се мериме овде. Значи, ако ние како фирма влеговме меѓу 200 најголеми и најуспешни компании во Македонија, тогаш економијата или конкуренцијата во економијата не е толку голема, и затоа таква ни е целокупната економија во Македонија, рече Никола Илијев, директор на компанијата “ИНТ“ – Кочани.
Илијев најавува дека ИНТ нема да застане на досегашните постигнувања. За идната година се планира инвестиција од околу 1 милион евра со која ќе се набави нова опрема и ќе се ангажираат нови вработувања. Целата зделка е при крај и ќе значи нов импулс во развојот на кочанското стопанство.
На задоволство на сегашните вработени во ИНТ, каде просечната плата е околу 30 илјади денари, Илијев вели очекува тимот да се прошири, за што за новите вработувања ќе има и специјална обука.
Негова желба е сегашниот забавен развој на локалната економија да добие забрзано придвижување во позитивен правец. Се надева дека само на тој начин и признанието за ИНТ за влез меѓу најдобрите 200 компании ќе биде оправдано и во наредните години.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.