28.11.2016 „Се додека се убиваат животни, ќе се убиваат и луѓе“, „Кој ќе одговара ако следната жртва е дете“, „И животните имаат чувства и право на живот“, „Од убиство на животни, до убиство на човек има само еден чекор“, „Правда за животните“ беа само дел од пораките што граѓаните и активистите од здруженијата за заштита на животните ги испратија до надлежните институции.
Излегоа на протест против насилството и изживувањето врз животните и случајот во Кочани со лицето Николчо што не се санкционира.
- Фрапирани сме од ова што се случува со толерирањето на вакво монструозно дело во градот Кочани. Затоа и решивме да го дигнеме гласот кога институциите затајуваат, кога граѓаните се изложени на психички притисоци и кога животните страдаат. Доколку овој протест не вроди со плод, се прашуваме што следи понатаму. Дали тоа ќе биде показател дека ова општество ги толерира таквите луѓе, а не води сметка за граѓаните врз кои има психолошка тортура со непроспиени ноќи, рече Климент Арнаудов од здружението „Анималиа“ од Охрид.
- Овој случај не треба да биде дијагностициран и анализиран од здруженијата за заштита на животни, туку од соодветните институции наменети за тоа. Еден злосторник од вакви размери и кон луѓе и кон животни истовремено, не смее, не може и нема да биде толериран, рече Ива Апостолска, од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ - Скопје.
Здружението „Втора шанса“ од Кочани заедно со останатите здруженија за заштита на животните апелираа на преземање мерки од страна на институциите, полицијата, Општината, социјалните служби и да го спречат изживувањето со животните.
Т. Велкова
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.