13.12.2016 Во новиот парламентарен состав, како и во досегашниот, ќе влезат двајца пратеници од Кочани.
По соопштувањето на првичните резултати од страна на Државната изборна комисија, извесно е дека во пратеничките клупи ќе седне старо-новиот пратеник Иван Иванов од коалицијата “За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кој се наоѓаше на 11 позиција на кандидатската листа.
Коалицијата “За живот во Македонија“ на СДСМ ќе ја претставува Сашко Костов, актуелен претседател на општинската организација на социјалдемократите од Кочани, кој на листата на кандидати беше позициониран на 5 место.
Иако се очекуваше дека по дознавањето на резултатите од изборниот процес тие ќе се појават во јавноста за да им се заблагодарат на гласачите за поддршката, до сега тоа не се случи.
Инаку, освен двајцата пратеници од Кочани, во Парламентот ќе влезе и досегашнта пратеничка Магдалена Манаскова од Виница, како претставник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Таа на кандидатската листа се наоѓаше на добитната 6 позиција.
Според бројот на пребројани гласови во третата изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ освои единаесет пратенички места, а СДСМ девет.
Засега нема информации дали некоја од коалициите или партиите кои учествуваа во изборите во ИЕ 3 ќе поднесе приговор до ДИК за забележани неправилности или нарушен изборен процес. Сепак, факт е дека поради разликата од над 20 илјади гласа меѓу двете најголеми коалиции, тешко може да се очекува евентуалните приговори да го изменат соодносот на добиената поддршка од гласачите.
Т. Ајтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.