21.12.2016 Членовите на КПС “Москито“ од Кочани успешно ја реализираа акцијата за зимско искачување на Шар Планина при што крајна цел им беше освојувањето на Титов врв.
Во соработка со планинарското друштво “Трансверзалец“ од Скопје, кое беше и организатор на турата, нашите планинари заедно со уште околу 200 свои колеги од други клубови од Македонија и од странство без поголеми проблеми стигнаа до котата од 2.747 метри, која е највисока на Шар Планина и втора по височина во нашата држава.
На Титов Врв или Голем Турчин, како што е познат врвот, тие имаа сончево време, но силниот ветер и тенката покривка од снег и мраз не им овозможија подолг престој.
За одбележување е што нашиот планинарски клуб на искачувањео ги имаше најмладиот и најстариот учесник. 15-годишниот Павел Соколов од Кочани, кој наскоро ќе стане и член на КПС “Москито“ успешно стигна до врвот, а друштво му правеше и 61-годишниот Никола Серафимов, како најстар учесник на турата.
Маршрутата на искачување беше од планинарскиот дом Смрека, преку врвовите Церипашина, Антени и Бакардан, се до Титов Врв, во вкупна должина од околу 12 км во еден правец. Пешачењето се одвиваше по гребен и траеше околу 6 часа. Акцијата се смета за една од најтешките кај нас за што учесниците задолжително треба да располагаат со соодветна планинарска опрема за искачување во зимски услови. Освен тоа, од секој учесник се бара соодветна психофизичка подготвеност и тој учествува на сопствена одговорност.
За сериозноста на потфатот зборува и несреќата што се случи за време на турата кога еден планинар од Скопје поради лизгање и паѓање од гребенот се здоби со тешки телесни повреди и беше извлекуван со хеликоптер.
Со ова искачување на Шар Планина завршија и активностите од планинарскиот календар за оваа година, а членовите на “Москито“ најавуваат учество на нови тури напролет.
T. Ajтовски
©2016 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.