29.08.2013 Пешак се здоби со полесни повреди во сообраќајна незгода што претпладнето се случи во близина на градскиот плоштад.
Во моментот кога средовечниот маж ја преминувал крстосницата на улиците “Браќа Ставреви“ и „Љупчо Сантов“ во него удрило такси возило, кое се движело во правец на населбата Доклевец. Од ударот на пешакот му биле нанесени повреди на ногата, по што веднаш бил префрлен во амбулантата во непосредна близина на случката.
По укажаната прва помош, беше повикано возило на итната медицинска помош по што повредениот е префрлен во кочанската болница.
Полициски службеници од сообраќајната полиција на местото на настанот направија увид што треба да ја открие одговорноста за учесниците во сообраќајот.
Од полицијата велат дека во последните неколку денови се регистирани поголем број сообраќајни прекрошоци што биле причина за неколку незгоди што за среќа завршиле со полесни последици. Заради тоа зголемена е контролата на сообраќајниците во градот, со преземање превентивни мерки кон прекршителите.
Истовремено, упатуваат апел за внимателно управување со моторните возила и почитување на одредбите за ограничување на брзината на движење.
Т. Ајтовски