01.02.2017 Расветлен е случајот со украдените црковни ѕвона од манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во селото Пантелеј, тешки од по 70 килограми и стари околу 150 години.
Полицијата ги фати крадците. Станува збор за три лица од Кочани од кои двајца се малолетни.
- По преземените оперативни мерки, добиени се сознанија дека можни извршители на ова кривично дело се три лица од кои две малолетни на возраст од 13 и 16 години и едно лице на возраст од 25 години, сите од Кочани. Истите, предметите кои што ги украле, искршени во парчиња во два наврати ги однеле во отпад во Кочани и ги продале за цена од околу 8.000 денари, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР - Штип.
По добиената наредба од надлежниот суд извршен е претрес во отпадот во Кочани каде што пронајдени се и одземени трите парчиња од искршените ѕвона и по целосно комплетирање и документирање на кривично правниот настан против сторителите ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, додаде Панајотова.
Инаку, ова не е прв настан на кражба во манастири во Кочани. Вакви кражби се случуваат скоро секој месец и со тоа повеќе се прави штета на црковните објекти. Слична ваква кражба последна се случи во манастирот Св. Петка во Кочански дол кога беше разбиена влезната врата на манастирот и беа украдени предмети од кујната и казаните за готвење храна. Затоа свештениците апелираат да не се сквернават храмовите и да се роди кај луѓето страв од Бога.
Со оглед на тоа дека според евиденцијата во манастирската архива ѕвоната кои што се украдени се стари 150 години и датираат од далечната 1871 година кога всушност е и градена црквата посветена на Свети Пантелејмон, може да се заклучи дека во преден план се става историската вредност на украдените ѕвона, а помалку материјалната.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.