02.02.2017 Во текот на дванаесетте месеци од 2016 година над 600 фирми што биле регистрирани во Кочани престанале со работа.
Драстичното намалување на нивниот број се согледува ако се направи споредба со 2015-та кога имало над 1.700 регистрирани деловни субјекти, со што се доаѓа до поразителен податок дека дури една четвртина од фирмите за само една година ставиле катанец на врата.
Иако во најголем дел се работи за мали претпријатија, со еден до тројца вработени, згаснувањето на нивните активности зборува за тешките услови за работа во која се нашле, пред се поради проблеми со финансиите.
Огромната несолвентност, односно ненаплатените побарувања ги довела во безизлезна состојба да се соочат со натрупани обврски кон државните и другите институции што не можеле да ги платат подолг период. Истовремено, тие не биле во состојба да ги подмират ниту платите кон вработените, како и долговите кон деловните партнери.
Потврда за големиот број згаснати фирми во општината дојде и од градоначалниикот Димитровски, кој со тоа го оправда малиот процент на наплата на комуналната такса, попозната како фирмарина.
- Податоците на Одделението за даноци во Општина Кочани покажуваат дека постои тренд на опаѓање на бројот на обврзниците за фирмарина. Тие се помалку за 631, односно за 23% во однос на 2015 година, што доведува до намалување на облогот, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.
Со огромниот број затворени фирми општината се најде во врвот во Источниот регион според банкрот на деловните субјекти.
Сепак, познавачите на економските состојби кај нас велат дека веројатно овие податоци не се најреални, односно би требало да има повеќе пропаднати компании, но причината што минатата година не се евидентирани е што немале пари ни за да ги платат трошоците за ликвидација, односно за бришење од евиденцијата во Централниот регистар.
Според податоците од Државниот завод за статистика најголем дел од неактивните или згаснати правни лица се од областа на трговијата, угостителството и административно-услужните дејности.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.