16.02.2017 Еден ден по трагичниот случај во кој беше пронајдено мртвото тело на 25-годишниот Бојан Јакимов од Кочани, се уште нема официјални информации за околностите и причините поради кои настапила смртта.
Во соопштението од СВР - Штип рекоа оти остануваат на краткото известување за податоците што веќе беа објавени во јавноста дека безживотното тело на момчето е пронајдено во подрумскиот дел на една од зградите во Трговскиот центар, по што беше направен увид на лице место.
Со оглед што кај починатиот биле откриени видливи повреди, од Јавното обвинителство информираа дека има индиции за извршено насилство, поради што телото беше предадено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. Оттаму пак, се уште не се добиени конечните анализи, поради што нема дополнителни детали за извршеното испитување.
Од друга страна, иако се уште не се официјално потврдени, има сознанија дека се работи за несреќен случај. Според наодите на истражните органи најверојатно момчето паднало од третиот кат преку оградата на внатрешните скали и завршило во подрумскиот дел на зградата. Смртта настапила како последица на сериозните повреди од падот. Во истрагата на надлежните веќе се контактирани лица што претходната вечер биле со починатото момче, а во испитуваниот материјал за прибирање докази биле вклучени и снимки од безбедносните камери што се наоѓаат во близина.
Неразјаснетите околности на настанот и понатаму се причина за вознемиреност меѓу граѓаните на Кочани. Со оглед што ова не е прв случај во кој веднаш не биле откриени причините, во јавноста и понатаму има различни шпекулации, со кои не се исклучува ниту насилство, ниту несреќен случај.
Сепак, сите очекуваат со прибраниот доказен материјал надлежните да го расветлат настанот и да ги соопштат причините за смртта на младоот момче.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.