20.02.2017 Автомобилот од марката “фолксваген голф“ со кочански регистерски таблички викендов не успеал да го помине стеснетиот премин под надвозникот на железничката линија во близина на Штип и била предизвикана сообраќајна несреќа.
Иако на приодите од двете страни на преминот се поставени сообраќајни знаци за првенство на минување, брзината со која се движело возилото веројатно не била прилагодена на ситуацијата и тоа завршило во еден од ѕидовите.
Притоа потешко било повредено 28-годишно момче од Кочани кое седело на сопатничкото седиште.
Според информацијата од штипската сообраќајна полиција, сообраќајката се случила во петокот околу 20,40 часот на улицата “Брегалничка“ при што “голфот“ што го управувал 67-годишниот Ј.М. од Кочани, директно удрил во камениот ѕид од надвозникот по кој минува железничката пруга Штип - Кочани.
Во незгодата сопатникот Е.М. се здобил со тешки телесни повреди, поради што веднаш бил пренесен и задржан на лекување во Клиничката болница - Штип.
Увид и обезбедување на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР која ги презела неиопходните мерки за расчистување на околностите поради кои автомобилот удрил во надвозникот.
T. Ajтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.