28.02.2017 Непознат сторител се офајдил со огнено оружје, муниција и златен накит откако извршил кражба во куќа во Виница.
Настанот се случил во изминатите 48 часа, но никој не го забележал лицето кое упаднало во објектот и непречено ги однело вредните предмети. Од СВР потврдија дека кражбата била пријавена во виничката Полициска станица, но засега имаат само основни информации за настанот.
- Во временскиот период од 18 часот на 26 февруари до 08 часот на 27 февруари година во Виница во куќата сопственост на 61-годишниот Д.С. непознат сторител извршил тешка кражба. Сторителот со погоден алат и употреба на сила ја отворил влезната врата, влегол внатре, извршил пребарување и одзел пиштол марка „Црвена застава“ калибар 7,62 мм, осум куршуми и разновиден златен накит. Материјалната штета дополнително ќе биде утврдена, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР – Штип.
Оштетениот сопственик на куќата оружјето го поседувал со валидна дозвола, а увид на местото на настанот извршила од екипа од ПС Виница.
Од СВР велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот. Инаку за краток период ова е трета пријавена кражба во источниот регион во која сторителите покрај другите вредни предмети, украле и огнено оружје.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.