02.03.2017 Во Кочани се одржа протестен собир и марш по улиците на градот како дел од граѓанската иницијатива “За заедничка Македонија“, насочена против прифаќањето на платформата на албанските партии за формирање ново парламентарно мнозинство.
Граѓаните се собраа во градскиот парк, а потоа со марш ги поминаа главните улици, со намера да се одржи собир кај Трговскиот центар, но рекоа дека поројниот дожд ги спречил да дојдат во поголем број.
Со оглед што не се одржа никаков говор, учесниците на маршот само кратко одговараа дека не го подржуваат политичкото договарање зад затворени врати на штета на македонскиот народ и на државата. Нивните оценки се дека на Македонија не и е потребна двојазичност, затоа што на тој начин таа ќе биде поделена и разнебитена.
Сличен собир попладнето се одржа и во Облешево, при што беа искажани идентични ставови за актуелните политички случувања, посебно со прифаќањето на платформата на албанските партии.
- Ние сме Македонци и ќе останеме. Двојазичност, кантонизација, на крај памет да не му паднало на некој. Втората работа што сакам да ја кажам е доколку тие платформата не ја повлечат, континуирано, месец-два ако треба, од патот нема да се мрднеме... Никој не е омаловажен во оваа наша република така што не држи место некој да се поигрува со нејзиното име, устав и други обележја, и овој народ никогаш, никогаш нема да ги прифати, рекоа дел од приосутните на собирот во Облешево.
Во текот на денот немаше известување дали протестните собири ќе продолжат во Кочани, иако од протестниот марш имаше најави дека цел на учесниците е остварување на конечната цел, односно да се зачувува македонската самобитност и сувереност.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.