09.03.2017 Јагленисано човечко тело, остатоци од изгорената барака и расфрлана скромна покуќнина е сликата што рано изутрината можеа да ја видат жителите на улицата “Скопска“ во Кочани. Таа е последица на пожарот што ноќеска околу полноќ избувнал во нивното соседство.
Рекоа дека во импровизираниот дом веќе извесен период живеел 62-годишен човек, за кого роднини кои се најдоа на лице место потврдија дека се работи за Ванчо Сантов.
- Дојдов да видам, да се уверам, сепак сме братучеди, роднини сме. Тука живееше, услови никакви, ниту струја, ниту ништо, толку знам, два три пати имам дојдено, повеќе немам доаѓано, рече роднина на починатиот.
- Вчера го видов, ме викаше брат. Од што е запалено и како не знам, рече сосед.
Соседите рекоа дека ниту пожарникарите не можеле да сторат многу во гаснењето на пламенот што брзо се проширил во импровизираната барака. Се претпоставува дека се работи за несреќен случај во кој чадот предизвикал задушување на Сантов, поради што тој не успеал да излезе од објектот.
Од СВР не излегоа со официјална информација за случајот, со оглед што увидот започна доцна поради наредбата на јавниот обвинител да се направи обдукција и идентификација на телото на починатиот.
За една недела ова е втор сличен случај во регионот, откако во неделата, во светиниколското село Богословец во пожар настрада 80-годишен старец.
Т .Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.