15.03.2017 Улицата “Киро Кикенски“ станува една од црните сообраќајни точки во Кочани, поради зголемениoт број несреќи што се случуваат во краток временски период.
Во вторникот околу 18,30 часот во непосредна близина на крстосницата на оваа со улицата “Наум Наумовски Борче“ патничко возило “ауди“ удрило во 11-годишно дете кое, според првичните сознанија, возело велосипед.
Од ударот тоа се здобило со сериозни телесни повреди, пред се во пределот на главата, поради што со возило на итната медицинска помош веднаш било префрлено на Клиниката за неврологија во Скопје.
Според увидот на Полицијата, најверојатно возачот на автомобилот, 23-годишниот П.С. од Кочани се движел со брзина поголема од пропишаната и не успеал навреме да застане. На местото на несреќата и претпладнето беа видливи траги од кочење чија должина е над десетина метри, што само потврдува дека автомобилот се движел брзо, за што дополнително влијаела и удолницата што е на овој дел од улицата.
Ова е втора потешка сообраќајна несреќа зшто се случува за краток период на улицата “Киро Кикенски“. Пред само 10 дена на истата сообрќајница, само неколку стотини метри подолу, 17-годишно девојче се здоби со потрес на мозокот и со скршеница на левата потколеница и на десната клучната коска, откако возило “опел корса“ со голема брзина ја удрило на пешачки премин во близина на Агенцијата за вработување.
Поради драстичното зголемување на бројот на прекршоци и сообраќајни несреќи, неколкупати жителите од оваа населба бараа на коловозот да се постави т.н лежечки полицаец со што барем до некаде ќе се влијае врз намалувањето на брзината со која се движат возилата по оваа прометна сообраќајница. До сега реакција од надлежните немаше.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.