20.03.2017 Продолжува негативниот биланс во безбедноста во сообраќајот во регионот што го бележат надлежните полициски служби.
Во деновите од викендот на регионалните и магистралните патишта се случија неколку сообраќајни несреќи, во кои имаше повредени и причинета e значителна материјална штета.
Последната се случи во неделата околу 22.30 часот во близина на безнинските пумпи на излезот од Кочани кон Штип. Притоа автомобил “бмв“ излетал од патот во обид да избегне судир со патничко возило “ауди“. Во несреќата нема повредени, но е предизвикана материјална штета кај едно од возилата и на електричниот столб покрај колoвозот.
Според неофицијалните информации и двете возила излегувале од градот и кога возачот на “аудито“ свртел в лево кон бензинската пумпа, а “бмвето“ што се обидело да го претекне, успеало да го избегне судирот, но излетало од патот. Поради увидот на местото на несреќата, сообраќајот беше во прекин околу 1 час.
Втората посериозна сообраќајна несреќа викендов се случи на магистралниот пат Кочани-Штип, во која 27-годишниот С.А. од Неготино, кој управувал „сеат ибица“ изгубил контрола над возилото и се превртел. Притоа со тешки телесни повреди се здобила 20-годишната сопатничка А.С. од селото Стрмош, поради што веднаш била префрлена во штипската болница каде е задржана на понатамошно лекување.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.