29.03.2017 Откако заминаа работниците на струмички „Жикол“ кои што го користеа монтажниот полски клозет на улицата „Роза Петрова“ во населбата Калиманова Глава, местото остана запустено и се претвори во депонија.
Жителите кои живеат во близина на импровизираниот тоалет, од кој се шири смрдеа, и покрај мини депонијата, се жалат дека нечистотијата и непријатниот мирис што излегува од таму им пречи и се плашат од појава на евентуални зарази.
Бараат од Општината да се среди состојбата или да се сруши клозетот. бидејќи сега не се користи и не е исчистено долго време.
Дополнителен проблем претставува што луѓе, посебно навечер, околу импровизираното веце вршат нужда, со што дополнително ја загадуваат околината.
- Овој тоалет треба да се сруши. Сега не се користи и остава грда слика, а многу смрди од таму. Па тоа е зараза за нас што живееме тука. Да се направи нешто за да не ни се разболат децата, ова не личи вака да биде депонија и жива зараза, се жалат жителите на населбата Калиманова глава.
Бидејќи станува збор за општински простор, од Општината велат дека се запознати со случајот и дека наскоро ќе започнат активности за преуредување на целиот простор и пренамена во парк.
Дотогаш останува луѓето да го заобиколуваат делот каде што е монтажниот тоалет и да се апелира да проработи свеста кај луѓето да не се врши нужда околу вецето бидејќи може да се прошири зараза посебно на децата кои секојдневно си играат и се движат во тој дел од градот.
Т. Велкова
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.