20.04.2017 Одличен успех постигна младиот бодибилдер Кристијан Донев на натпреварувањето за Купот на Македонија за 2017 година што го организираа македонската бодибилдинг и фитнес федерација.
Во халата број 3 на Скопскиот саем, каде што се одржа преставувањето на учесниците, во конкуренција на бодибилдери од нашата држава, во категоријата машка фигура над 178 см. тој го освои првото место и заслужено се закити со златниот медал.
Наградата е добредојдена и за него значи пласман за учество на претстојното Балканско и на Европското првенство во бодибилдинг што ќе се одржи во Шпанија.
Одличните оценки што му ги даде жири комисијата за неговиот физички изглед и држење на телото му го донесоа златниот медал и пехарот.
Инаку Донев по потекло е од Грдовци, а во моментот настапува за Магнус центарот за боди билдинг и фитнес од Скопје.
Натпреварот за Купот на Македонија во Скопје е традиционален и се одржа по 30 пат, а учесниците се натпреваруваа во категориите бодибилдинг, фитнес, бикини-фитнес, боди-фитнес, бодибилдинг класик и физик, за мажи и жени. Притоа немаше ограничување во возраста, односно учествуваа јуниори, сениори и ветерани.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.