30.05.2017 Aктуелниот состав на пратеници во Собраниетот на Република Македонија ќе доживее значителна промена откако дури шестмина народни избраници, кои беа на листата на коалицијата што ја предводи СДСМ, влегуваат во составот на Владата како министри.
Таквото поместување овозможи и од Изборната единица 3 да има нов пратеник, со оглед што носителот на листата Љупчо Николовски ќе го предводи министерството за земјоделство.
На негово место во Парламентот ќе влезе Славица Шуманска Митева од Виница, која на кандидатската листа на социјалдемократите се наоѓаше на 10 позиција.
Покрај неа, како претставник од оваа општина висока партиска функција добива и Панче Стоименовски, кој е нов член на Централниот одбор на СДСМ.
Инаку, Шуманска Митева е актуелен секретар во општинската организација на партијата во Виница. Има дипломирано на Филолошкиот факултет во Скопје и подолг период е без постојан работен ангажман. На последните парламентарни избори беше предложена за кандидат за пратеничка позиција, што дојде како резултат на нејзиниот ангажман и активностите што ги имаше во работатата на општинската организација на партијата, но и во предизборниот период.
- Затоа што сме подобри, чесни и домаќини. Сите ние тоа можеме и мораме да го направиме, пред се тоа им го должиме на нашите деца на кои еден ден со гордост ќе можеме да им кажеме дека ние сме заслужни што живеат во подобра и посигурна држава, дека живеат во една слободумна, просперитетна и демократска држава. Горда сум што се бориме за иднината на оваа земја, додека “фамилијата“ се грижи само за нивните џебови и нивните приватни сметки, изјави во декември 2016г. Славица Шуманска Митева, кандидат за пратеник од СДСМ.
Со влегувањето во новиот парламентарен состав на Шуманска Митева и на уште петмина нејзини колеги од коалицијата што ја предводи СДСМ, се реализираат најавите дека најголем број од имињата ќе бидат млади лица, без негативна политичка и друга позадина, со што би се добила нова енергија и ентузијазам.
Новина во сегашната ситуација е и тоа што општина Виница по подолг период во Собранието ќе ја претставуваат двајца пратеници, со оглед што во изминатите неколку парламентарни состави имаше само по еден претставник од ВМРО-ДПМНЕ. Покрај Шуманска Митева, актуелна пратеничка останува и досегашната парламентарка Магдалена Манаскова, која во новиот состав на Парламентот ќе биде на страната на опозицијата.
Т. Ајтовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.