05.06.2013 Скутер со зафатнина на моторот до 50 кубни сантиметри ќе набави Општина Кочани. Ќе се користи за потребите на општинската администрација, а ќе биде дел од обновениот возен парк.
Заради транспарентност на набавката, Локалната самоуправа минатиот месец објави јавен тендер во кој се наведени техничките детали што треба да ги содржи возилото. Покрај определената зафатнина, се бара моторот да биде со јачина од 3,5 киловати, односно нешто над 4 коњски сили.
Освен стандардната опрема, во набавката влегува и специјален куфер за скутерот, отворена кацига со преклоп, церада, односно покривка за мотор и комплет брава за заклучување на резервоарот и седиштето.
Исто така, понудувачот треба да обезбеди минум една година гарантенр рок за машината. Во тендерот не е нагласена марката или моделот што се бараат, но со оглед што набавката е со проценета вредност до 5000 евра, може да се заклучи дека ќе се оди на опција за повисок квалитет и издржливост на скутерот.
Тендерот за набавка заврши во вторникот и на него како понудувач се пријавила само една фирма. По разгледувањето на понудата и евалуацијата на доставените технички детали, ќе се знае дали истата ќе биде прифатена и ќе се склучи договор за набавка, или ќе се оди на нов тендер.
Во планот за купување нови возила за Локалната самоуправа, неофицијално било превидено годинава да се набават два скутери, но за сега се оди на варијантата за само едно такво возило.
Минатиот месец возниот парк на Општината беше проширен со уште два нови автомобила. Набавени беа малолитражни возила од пониската класа, од кинескиот произведувач “Лифан“, за што од буџетот се издвоени околу 12 илјади евра.
Заедно со минатогодишната набавка на репрезентативниот модел на “фолксваген пасат“ и возилата кои се користат од порано, сега Локалната може да се пофали со задоволителен возен парк што би требало да одговори на потребите на општинската администрација.
Т. Ајтовски