29.06.2017 Тешка сообраќајна несреќа се случила рано изутрината на локалниот пат кон Прибачево, во близина на месноста Пруга, при што едно лице го загуби животот.
Се работи за 76-годишен велосипедист од Кочани во кого удрило патничко моторно возило што се движело во правец кон Оризари. Од полицијата потврдија дека по здобиените повреди при ударот, велосипедистот починал на лице место.
- Околу 6,40 часот на локалниот пат село Прбичаево - село Оризари се случила сообраќајна несреќа во која учествувале велосипед, управуван од 76-годишен возач од Кочани и патничко моторно возило “пежо 406“ управувано од 52-годишен возач од Прибачево. Во незгодата животот го загубил 76-годишниот велосипедист, рече Гордана Панајотова, портпарол на СВР – Штип.
Според присутните граѓани на местото на настанот, велосипедистот се упатил кон една од нивите во близина на местото каде се случила несреќата. Движејќи се по земјениот коловоз од неизградената пруга, во критичниот момент кога се приближил до асфалтниот пат не забележал дека кон него се наидува автомобилот.
- Тој одел од споредниот пат на главниот пат со точакот, ниту гледал лево-десно, директно влетал во колата, немал време ниту тој со колата да застане, ниту овој со точакот, а не се гледа, нема прегледност, се гледа од тука дека нема прегледност. Кој е крив, има комисии, ќе утврдат, рече граѓанин.
На местото на несреќата увид направија јавен обвинител и полициски екипи, а патничкото возило е однесено на технички преглед. Додека траеше увидот, околу два часа траеше прекинот на сообраќајот од Прибачево кон Кочани и останатите населени места.
Т. Ајовски
©2017 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.